Нетанјаху: Праведната војна за елиминација на Хамас продолжува

Праведната војна којашто ја води Израел во Појасот Газа за да го „елиминира“ палестинското радикално движење Хамас ќе продолжи, порача во саботата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјхау, поздравувајќи го ставот на САД кои ставија вето на резолуцијата во Советот за безбедност при Обединетите нации со која се бараше итен прекин на непријателствата во палестинската енклава и придржување до меѓународното хуманитарно право.

„Другите земји мора да разберат дека не може од една страна да се поддржува елиминирањето на Хамас, а од друга страна да се повикува на ставање крај на војната, што би ја оневозможило елиминацијата на Хамас“, истакна Нетанјаху.

„Значи, Израел ќе ја продолжи својата праведна војна за елиминација на Хамас“, рече израелскиот премиер.

Досега во војната против Хамас започната на 7-ми октомври по крвавиот напад на ова исламистичко движење во јужен Израел, наводно се убиени 7.000 палестински милитанти, тврдеше во саботата израелскиот советник за национална безбедност.

„Тоа е минимална процена, а би можело да ги има и повеќе“, рече Тцахи Ханегби во интервју за изралеската телевизија без да даде поединости. Светските агенции, пак, забележуваат дека Израел досега не пружил никакви докази за и снимки за елиминирани милитанти, како што редовно емитува за наводно откриено нивно оружје.

Израелската војска истовремно соопшти дека во саботата во борбите во Газа забележала загуба на уште пет војници, со што според истиот извор од почетокот на копнената офанзива на 27-ми октомври досега загинале 97 израелски војници. Според првичните извештаи од 7-ми октомври, во неводениот напад на Хамас во Израел се убиени 1.200 луѓе, меѓу кои 312 израелски војници и припадници на другите безбедносни вооружени формации.

„Не ги поддржуваме повиците на моментален прекин на огнот. Тоа само би го посеало семето за идна војна, бидејќи Хамас нема желба за траен мир“, изјави американскиот претставник Роберт Вуд и го осуди изостанувањето во резолуцијата осудата на нападити на Хамс во јужен Израел од 7-ми октомври што го нарече „морален неуспех“

Израелскиот амбасадор при ОН, Гилад Ердан изјави дека „вистинскиот пат до мирот е само поддршка за израелската мисија, а никако повик на прекин на огнот“.

Првиот заменик на рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Полјански, веднаш по гласањето за новинарите во Њујорк ја критикуваше позицијата на САД.

„Нема да биде претерано да се каже дека денес е еден од најтемните денови во историјата на Блискиот исток. Уште еднаш, цинично блокирајќи го повикот за прекин на огнот во палестинско-израелската зона на конфликт, нашите колеги од Соединетите држави , пред нашите очи, им изрекоа смртна пресуда на уште илјадници, ако не и десетици илјади цивили во Палестина и Израел, вклучувајќи жени и деца, како и службеници на ОН кои се обидуваат да им помогнат“, истакна Полјански.