
Најмалку едно лице загинало, улиците се поплавени а илјадници домаќинства останаа без електрична енергија во текот на минувањето на бурата Малик преку Шведска и Данска, објавија во неделата тамошните власти.
Во централна Данска 78-годишна жена починала откако ја соборил налет на силен ветер кога ја отворила вратата, објави данската полиција.
„Ветерот ја исфрлил жената надвор, паднала и се здобила со повреди на кои им подлегна“, се наведува во полициското соопштение.
Шведската и данската метеоролошка служба предупредија на подигнување на нивото на морето и проценуваат дека ветерот во текот на изминатата ноќ имал моќ на ураган.
Мостот Оресунд, долг 7,8 километри кој ги поврзува Данска и Шведска, беше затворен за сообраќај од саботата вечерта до неделата претпладнето. Шведските транспортни власти советуваа да не се тргнува на пат викендов поради урнати дрвја и материјали кои ги носи ветерот.
Во јужниот шведски град Малме спасувачките служби го советуваа населнието да го избегнува солитерот „Turning Torso“, бидејќи е оштетен од бурата и делови од конструкцијата би можело да се урнат.
На југот и во централна Шведска десетици илјади луѓе останале без струја, соопштија операторите „E.ON“, „Ellevio“ и „Vattenfall“.