Бурен почеток за биткоинот во Салвадор

Биткоинот во вторникот стана официјално средство за плаќање во Салвадор, а неговиот прв ден го одбележаа технолошки проблеми, протести но и први позитивни реакции на трговците и компаниите, пренесуваат медиумите.

Владата им подели на граѓаните по 30 долари во биткоин, за да ги поттикне да почнат да го користат, а го поддржа и дигиталниот паричник Chivo (Чиво), зашто проценува дека критповалутата на Салвадор може да му заштеди 400 милиони долари годишно надомест за допзнаките од странство. Британски BBC, пак, врз основ на владините и податоците од Светската банка пресметал дека би можело да се заштедат околу 170 милиони долари.

Платформите на технолошките гиганти како Apple и Huawei не го нудеа Chivo, а серверите морале да бидат исклучени, бидејќи не можеле да го издржат огромниот прилив на регистрации на корисници. Но како што минувал денот, Chivo почнал да се појавува на повеќе платформи, а го прифатија и глонаните синџири угостителски објекти „Starbucks“ и „McDondald’s“.

„Мораме да ги разбиеме парадигмите од минатото. Салвадор има право да се развива во пресрет на понапредниот свет“, изјави претседателот Најиб Букеле.

Опозицискиот политичар Џони Рајт Сол, пак, смета дека првиот ден од употребата на биткоинот бил многу лош за претседателот Букеле, неговата влада и „неговиот експеримент“.

„Мнозинството население знае многу малку за криптовалутите. Знаеме само дека станува збор за многу нестабилен пазар, а денешниот ден тоа и го потврди“, ја цитир BBC изјавата на Рајт Сол.

Голем проблем претставуваше тоа што во еден момент најпопуларната криптовалута загуби од својата вредност. Дополнителни проблем предизвика падот на вредноста на биткоинот од 52.000 на под 43.000 долари, на најниската вредност во последните четири седмици.

Салвадор поради падот на вредноста на биткоинот остана без 3 милиони долари, истакнува Рајт Сол. А тој не е осамен во критиките, имајќи предвид дека пред Врховниот суд се собраа над илјада граѓани, протестирајќи против воведувањето на биткоинот.

Критичарите предупредуваат дека, освен финансиската нестабилност, криптовалутата би можела да поттикне и незаконски транакции. Но на некои трговци премногу не им пречеа осцилациите во вреднсота на биткоинот.

„Ќе биде добро што во време на пандемијата нема да мораме да користиме физички пари“, вели за BBC сопственик на семејна продавница Ед Ернандез, додавајќи дека тоа ќе го заштити од купувачите кои плаќаат со фалсификувани банкноти.