Бутарис симулира нов македонски идентитет

Се зареков, некое време да молчам.  Да затворам уста, и ниту една буква да не изустам за парадоксот на парадоксите – името и идентитетот на мојата држава Македонија!

Но, луѓе мои, боли, верувајте ми, боли. Имам чувство, жив човек сум, не сум од тесто секој да ме меси до непрепознатливост. Не сум, Џони Вокер, ниту Пинокио кој го излажал својот народ дека акронимот „ПЈР Македонија“ ќе биде само 2 месеци, а оттогаш поминаа речиси 24 години. Неприфатлива е за мене изјавата дека „ние не сме потомци на Александар, туку нечии Словени, кои во шестиот век се симнале од зад Карпатите кон југ, го препливале Дунав со трска в уста и стигнале во Македонија“.

Не сум ни „од оние“ кои вториот конгрес ќе го држеа во Солун, отпсоле се одрекоа! Не сум ни од тие кои велат дека ние не сме антички Македонци, немаме ништо заедничко со Александар Македонски.

Ниту сум скраја да е, „црпнат“, кој би рекол: „Мене Господ ме црпна од нива и ми даде мисија да ја спасам Македонија“, а притоа да ја облечам во нова руба и со ново име, да и’ ставам една голема меѓа и тоа на два дела, едната страна до Групчин, а другата отаде Групчин, но пред се’, да свиткам кичма!“.

Ете, тоа не сум јас! Не, таков сакам никогаш да не бидам. Ама, никогаш! Едноставно, не сакам! А, знаете зошто? Затоа што најпрво сум Македонец, се подразбира човек! Но, што се случува? Некој бутај, пикај и оп, изјавичка: „компромис за името – Република Нова Македонија или Северна Македонија“. Така изјави градоначалникот на Солун, нашиот крушевчанец, Бутарис.

И тој исто бутај, пикај и оп, вели: „Со новото име, Македонија би можела да најде нов идентитет за самата земја и за нејзините граѓани, а со решение на името би се отворил патот до НАТО!“. Тоа Бутарис го рече во Виена!

Убаво е што го избра градот на Штраус тоа да го каже, оти за Валцер се потребни двајца. Но, тука немаме двајца, имаме само една марионета која не ги знае чекорите на виенскиот валцер, туку е кукла на навивање за да оди, која работи и си игра како што кукларот конците и’ ги движи.

И да биде уште поинтересно, Бутарис не се грижи само за општината којашто како градоначалник ја менаџира, туку и за надворешната политика, па така е ангажиран и за решавање на долгогодишниот спор меѓу двете соседни земји. Плус корените му се од Крушево, од Македонија. Секое предавство, се разбира, е наше дело.

Малку морген господине Бутарис – идентитет и ново име..!

„Новиот претседател на владата, Зоран Заев, нема националистички идеи како неговиот претходник Никола Груевски, кој беше страшна несреќа за земјата. Заев сака компромис за името: Република Нова Македонија или Северна Македонија. Грција никогаш не би го прифатила името Република Македонија“, вели Бутарис, во градот на валцот.

Да бидам искрен, Бутарис е добар пријател, да не кажам куќен пријател со мојот пријател Нимиц. Нашиот Македонец од Крушево, сакаше да го опипа пулсот на народот, што мисли за новата формула на медијаторот Нимиц, која штотуку за две недели треба да ја соопшти во Брисел.

„Нова Македонија“ или „Северна Македонија“, со промена на идентитетот и така сите среќни и задоволни да се прилагодиме на новиот идентитет и новата руба.

„Мало морген господине Бутарис!“, што би рекле и оние од улица, без влакна на јазикот. Мало морген идентитетот и ново име!!!

Тоа е фашистичка изјава, господине Бутарис и ти пријателе Нимиц.

Идентитетот не е музичка желба, што може да се исполни на џубокс, ниту е маргарин кој се мачка на лепче, ниту пак е припејд картичка на која можеш да надоплнуваш колку што сакаш, со нејзе да се возиш каде сакаш!

Дефинитивно, ќе ве потсетам на изјавата на Џорџ Буш, поранешниот претседател на САД, наш македонски пријател кој за време на Самитот на НАТО во Букурешт јасно и гласно им попрача на поранешните претседател и премиер на Македонија, Црвенковски и Груевски:

„Дали сте подготвени да си го сторите тоа, да се прекрстите во ново име? Дали имате сила тој товар засекогаш да го носите на вашиот грб?“ – запраша Буш тогаш, искрено и чесно!

И мојот пријател Робин О’Нил, поранешен медијатор во спорот околу името како и поранешниот државен секретар на САД, Лоренс Игелбергер, јасно и гласно порачаа:

„Никако, НЕ, за промена на името на државата и на идентитетот на нацијата, затоа што во спротивно ќе ве избришат од картата на светот!“.

Да потесетам и поранешниот министер за внатрешни и надворешни работи и професор по меѓународно право, Љубомир Данаилов Фрчкоски, уште во далечната 2005 година во својата колумна за весникот „Дневник“ истакна:

„Никако не смееме да го смениме нашето уставно име и идентитет. Тоа е се што имеме!“.

За жал, сега, урочен или маѓепсан, ни самиот не знае што му се случува, лицитира со името на Македонија!

Да потсетам и самиот медијатор уште во октоври 1996 година јасно и гласно во едно мое интервју со него во Њујорк порача:

„Вие ќе го задржите уставното име Република Македонија, но тоа зависи од вас Македонците!“.

Знам и верувам, мојот пријател Зоран Димитровски тогашен заменик одговорен уредник на неделникот „Фокус“, го прочитал и слушнал истото, го објавивме во неделникот „Фокус“.

Но, што се случува сега? Кому му пречи да се нарекуваме Македонци? Кому му пречи нашиот идентитет? Кому му пречи јазикот наш, кој го говори народ кој единствено на планетава се претставува за Македонски?

Навистина се прашувам, како нашиот Солунчанец од Крушево, заборавил барем еден збор македонски кога растел или додека си играл со другарчињата, се санкал по падините на крушевската корија?

И да биде уште поинтересно, нашиот пријател кој сака да ја спроведе убавата идеја за Вардарска долина или пловен Дунав, Вардар, се’ до Егејското море, заборава дека Вардар извира од Македонија. Нели, каде е изворот, таму е вистината. Веројатно ја заборава или не сака вистината да ја чуе, а таа боли!

Не треба господине Бутарис така. Не, не требаше, дефинитивно!

Како ќе му одговорите на директорот  на швајцарската „Егенеа“, генетската инженеринг лабороторија, Роман Шолц, кој изјавил дека ние сме Македонци, а не новокомпомирана нација?

Предлагам кога одите во градот на виенскиот бал, односно на виенските валцери, зошто не скокнете малку на вино и сирење до швајцарските зимски центи, претставувајќи го градот Солун и слушнете ја вистината од д-р Шолц.

Господине Бутарис, интересно е, кога го поканивте нашиот премиер на заеднички дочек на 2018 година, дали ќе му ја честитате со новото име, свирајќи му на увце бузуки, мезејќи се со узо и зинзаки?

Да, тој вам струмичка мастика и корнишони и троа тара, вие нему узо. И така и двата пијалока си ја менуваат бојата кога ќе му додадете троа вода. Но, едно да ви е јасно господине Бутарис, името и идентитетот не се менува!

Автор: Слободан Томиќ