Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ) ја поддржа македонската авторка Румена Бужаровска да напише сценарио за долгометражен филм според расказот „Осми март“ од нејзината најнова збирка раскази „Не одам никаде“. Филмот ќе се снима во продукција на Телефилм, а ќе го режира хрватскиот режисер Бранко Шмит.
Расказот „Осми март“ е трагикомична приказна за средовечна професорка, алкохоличарка, која ќе се најде во необична ситуација во екот на студентските протести во Скопје во 2014 година, поради што ќе добие неочекувано признание што ќе ѝ го смени животот.
-Во нашата кинематографија многу ретко се тематизираат средовечните жени, нивните животи и судбини. Сметаме дека оваа приказна, која навидум е многу едноставна, има висок емотивен полнеж, и дека е приказна за една обична, но всушност трагична женска судбина може да е новост во нашата кинематографија, истакнува ХАВЦ во образложението за поддршката.
Инаку, „Не одам никаде“ (Или-Или, 2018) е четвртата збирка раскази на Румена Бужаровска. Хрватскиот превод на книгата ќе го објави загрепската издавачка куќа ВБЗ во мај.