На граничниот премин Табановце биле запленети 248 грама злато, со проценета вредност од околу 12 илјади евра што двајца сопатници во обид да го скријат планирале да го изнесат од државата без да го пријават кај царинските органи.
– Патниците кои патувале со патничко комбе на излез на Табановце од страна на Мобилен тим на Секторот за контрола и истраги се селектирани за детална контрола при што кај двајцата се пронајдени купчиња злато.
Едниот од патниците околу вратот носел една црна врвка и еден ланец на кои биле прикачени два купа готов златен накит со тежина од 201,82 грама што биле смотани во креп трака.
Другиот патник на вратот носел ланец на кој имал прикачен куп од повеќе прстени со тежина од 46,48 грама, соопшти денеска Царинската управа.
Стоката, како што е наведено во соопштението, е привремено одземена, а против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави, при што против едниот од патниците ќе биде поднесена кривична пријава, а против другиот прекршочна.
Царинската управа во рамки на своите надлежности презема мерки за сузбивање на шверцот и сивата економија. дма/са/Фото: Царинска управа .