Царината заплени девизи, автоделови, цигари

царина

Во продолжение ви го пренесуваме целото соопштение интегрално 

Задржана е следната стока:

Девизи

-12.000 евра, откриени при личен претрес на грчки државјанин, кој патувајќи со грчки автобус, во придружба на својата сопруга, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во џеб од јакната на патникот и во коверт сместен во рачна торба, биле пронајдени вкупно 32.000 евра, од кои согласно законските прописи им биле вратени по 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата.

 Цигари

– 22 штеки цигари марка Chesterfield, Rodeo, Boss иMarlboro со македонски акцизни маркички, откриени при контрола на македонски автобус, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените цигари, пронајдени во куфер сместен во багажникот на автобусот, се привремено задржани, а против возачот, кој се пријавил како сопственик на цигарите, е поведена соодветна постапка.

 Автоделови, регистарска табличка и рибарски мрежи

– 6 воздушни перничиња и 6 амортизери за товарни возила, откриени при контрола на празен бугарски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените делови, пронајдени на креветот и помеѓу седиштата во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

– бугарска регистарска табличка и сообраќајни дозволи, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Делчево. Возачот изјавил дека табличката и дозволите, пронајдени под потпирачот за рака меѓу предните седишта, припаѓале на моторцикл марка Kawasaki, кој го легализирал и чекал да добие македонски регистарски таблички, а истите ги носел да ги одјави во Република Бугарија. На тој начин, патникот се обидел да го легализира возилото без претходно да биде ставено во пропишана царинска постапка и без да бидат платени увозни давачки за истото, поради што против сопственикот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 6 рибарски мрежи, половина килограм пластични тапи за рибарски мрежи и 4 макари конец за рибарски мрежи, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Свети Наум. Непријавените производи, пронајдени во рачна торба и кеса, сместени во просторот кај моторот, се привремено задржани,  а против возачот е поведена прекршочна постапка.

Царинска измама

Во Царинска испостава  Гевгелија е откриен обид за избегнување на плаќање увозни давачки, со погрешно тарифирање на стока.

Увозник од Скопје пријавил за увозно царинење „солена печена пченка“ декларирана во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. Поради сомневање во правилното распоредување на стоката според Водичот за царинење, била земена мостра и испратена на анализа во царинската лабораторија, од каде бил добиен одговор дека производот треба да се распореди во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 30% и стапка за ДДВ од 5%.

Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, царинската испостава Гевгелија изготви Записник за распоредување на стоката според царинската тарифа, изврши пресметка на дополнителни увозни давачки во износ од околу 636 илјади денари и поднесе барање за поведување прекршочна постапка со мандатна казна против царинскиот застапник.