Царот Акихито на молитва во пресрет на првата царска абдикација во два века

Јапонскиот цар Акихито се помоли на шинтоистичката божица на сонцето во вторникот утрото, на почетокот од денот исполнет со церемонии на одбележувањето на трите децении владеење во коешто сакаше да ја приближи монархијата на народот и да ги олесни болните сеќавања од Втората светска војна.

Осумдесет и петгодишниот Акихито е првиот цар кој го презема Престолот на Хризантемите под новиот устав, донесен по војната, а кој го дефинира царот како симбол на народот без политичка моќ. Неговиот татко, царот Хирохито, во чиешто име Јапонија се бореше во Втората светска војна, беше сметан за живо божество, сѐ додека не ја загуби војната и се одрече од својата светост. Акихито, заедно со неговата сопруга која потекнува од народот, царицата Мичико, имаше улога на симбол на помирувањето, мирот и демократијата. На престолот во среда ќе го замени неговиот син, престолонаследникот Нарухито.

Акихито технички ќе остане цар додека часовникот не отчука полноќ. Тронот тогаш автоматски го презема неговиот син Нарухито, и по царскиот период Хаисеи на Акихито започнува новиот период, наречен Реива (Прекрасна хармонија). Формалната церемонија на востоличувањето на Нарухито ќе се одржи на 1-ви мај. Нарухито, кому ќе му бидат предадени царскиот меч и бисерите, нема да говори на самата церемонија, но на поданиците ќе им се обрати подоцна во текот на денот. Неговите родители, царот емеритус Акихито и царицата емерита Мичико, нема да присуствуваат на церемонијата.

„Мислам дека народот го сака царот. Неговата фотографија е таа што ги храбри луѓето, по катастрофата и е многу близок на народот. Се надевам дека и следниот цар, како Хаисеи царот, ќе биде близок на нарадот на ист начин“, вели за Reuters Морио Мијамото, жител на престолнината Токио.

Акихито, кој инаку се лекуваше од рак на простатата и имаше операција на срцето, во телевизиското обраќање во 2016 година објави дека стравува оти нема да може да ја извршува својата должност поради лошото здравје. Својата абдикација ја објави во храмовите во Царската палата, меѓу кои и во храмот посветен на божицата Аматераси Омиками, за која митот вели дека од неа потекнала царската лоза.

Јапонците и многубројните туристи се собраа во голем број пред палатата во пресрет на церемонијата, а од понеделникот полицијата ги засили безбедносните мерки во околината на царската палата.