Во 16 часот денеска ќе се направи пресек колку ученици се со физичко присуство, а колку сакаат да посетуваат онлајн заради различните причини кои се дадени во планот за спроведување на настава, информираше денеска министерката за образование Мила Царовска на првиот училишен ден во ООУ „Панко Брашнаров“ во Велес.
„Тоа значи дека ние како МОН на дневна основа како минатата година така и оваа година ќе известиме преку апликација. Собираме податоци од секое школо колку ученици и наставници се во училница, колку се онлајн, колку се појавиле со позитивен Ковид-19 и како излегла Епидемиолошката служба што сме утврдиле дали во изолација или не. Така што истиот систем од минатата учебна година е воспоставен и оваа година и многу редовно и медиумите и граѓаните ќе бидат известувани со детални бројки и податоци“, појасни Царовска.
Воедно информираше дека во Тетово и Гостивар заради епидемиолошката состојба во тие градови се префрлени две недели на онлајн настава, а по препорака на Комисијата за заразни заболувања. Во Струга и Кичево исто така започнуваат со онлајн настава но не две туку една недела.