Реформите во образованието не бараат политички момент. Погоден политички момент нема никогаш, а реформите треба да се спроведат, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска во емисијата Топ Тема, говорејќи за Концепцијата за основно образование.
„Оваа концепција никогаш не била поврзана со одредени политички прашања. На 100 дена Влада, кога говоревме за тоа што сме сториле, во момент кога преку ЕУ, Бугарија испорача одредени прашања, една телевизија го извади слајдот за Концепцијата од прес конференцијата и го поврза со тоа барање“, рече Царовска додавајќи дека се воведува интеграција на предмети, што не значи бришење на предмети.
„Овој систем на интеграција во развиените земји се користи повеќе од 20 години“, потенцираше Царовска.
Министерката објасни дека со истражувањето направено меѓу наставниците за квалитетот на основното образование, е добиена јасна порака дека тие се за реформи, но не само уметнички, туку реални реформи согласно светските трендови, за структурно поместување во наставата.
„Наставниците во изминатиот период беа маргинализирани. Во минатото се воведуваа предмети во одлука на Влада, односно кабинетски. Сега наставниците имаат поддршка од министерството, го слушаме нивниот глас и тие треба да бидат самостојни во својата работа“, изјави Царовска.