Двете лица уапсени во април во Марсеј имале намера да извршат терористички напади на митингот на кандидатката на Националниот фронт, Марин Лепен, на избирачките места и баровите во градот, јавува дописникот на МИА од Париз повикувајќи се на написот од петокот на весникот Liberation.
Како што пишува весникот, повикувајќи се на извори од истрагата, два месецa по навреме спречениот квалификуван „неминовен“ напад во Марсеј, иако првично се мислело дека двајцата осомничени, Клеман Баур и Махиедин Мерабе, за цел го имале Франсоа Фијон, кандидатот на Републиканците, сепак, ниовна вистинска цел била Марин Лепен.
Медиумите поверуваа дека Франсоа Фијон, е можната цел. Имајќи предвид дека на видео снимката во која осомничените се заколнаа на верност на Исламската држава, се гледа насловната страна на Le Mond, посветена на кандидатот Фијон. Но, еден ден по нивното апсење, на 19 април, беше денот кога се одржа митингот на кандидатот на Националниот фронт во Марсеј.
Според Liberation, втора цел на терористите биле гласачките места во градот, на денот на првиот круг од претседателските избори, додека трета цел биле баровите, посетувани од страна на Американците, Русите и Израелците. Според истрагата, заклучуваат француските медиуми, биле избегнати неколку масакри.
Кај осомничените, во третиот арондисман во Марсеј, истражните органи откриле арсенал од воено оружје, како и повеќе од три килограми експлозив.