Цената на нафтата скокна на 124 долари за барел по новиот пакет санкции

Нафтата на светскиот пазар достигна цена од речиси 124 долари за барел, а поскапувањето следеше откако Европската Унија го усвои новиот пакет санкции кон Русија и поради укинувањето на пандемиските ограничувања во кинескиот индустриски и трговски центар Шангај.

На лондонскиот пазар цената на барелот во договори со рок на испорака во јули порасна за 2,11 долари во однос на претходното затворање, на 123,78 долари. Во договорите со рокови за испорака во август е зголемен за 1,57 долари, на 119,17 долари, пренесе Хина.

На американскиот пазар барелот се тргуваше за 3,46 долари повисока цена, која сега изнесува 118,53 долари, бидејќи трговците реагираа на договорот на лидерите на ЕУ за забрана за увоз на руска нафта со бродови, што претставува 90 отсто од вкупен увоз.

„Бидејќи две третини од рускиот извоз на сурова нафта се испорачува по морски пат, ЕУ ќе мора да најде замена за околу 1,5 милиони барели нафта дневно“, вели аналитичарот на PVM, Тамас Варга.

Тој посочи дека е реално да се бара замена од 2,1 до 2,2 милиони барели дневно, бидејќи Полска и Германија планираат да го прекинат купувањето на нафта од нафтоводот до крајот на годината. Од друга страна, производителите собрани во Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нивните сојузници се подготвуваат да го зголемат производството за само 432.000 барели дневно во јули, што неминовно ќе доведе до дополнително зголемување на цените.