Цените на нафтата на меѓународните пазари во четвртокот го надминаа нивото од 85 долари за барел, поддржани од најавата за намалување на снабдувањето и падот на залихите во САД кои ги засенија сигналите за забавување на американската економија.
На лондонскиот пазар цената на пазарот во тргувањето во раните попладневни часови беше за 31 цент повисока од затворањето на тргувањето во средата и изнесуваше 85.30 долари. Во речиси ист износ барелот поскапе и на американскиот пазар каде што се тргуваше по 80,92 долари. На католички Велики петок и двата пазара ќе бидат затворени.
Одвоено Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави во средата дека цената на барелот кошница референтна нафта на нејзините членки била непроменета и изнесувала 85,49 долари.
Поддршка на цените им даде оваа седмица најавата на OPEC и нејзините сојузници големи независни производители предводени од Русија познати како OPEC, дека од мај до крајот на годината ќе го намалат производството на нафта за дополнителни 1,66 милиони барели дневно за да го стабилизираат пазарот.
Трговците ги охрабри и извештајот на американското министерство за енергетика, кое во средата објави дека залихите на нафта во САД минатата седмица паднале за 3.7 милиони барели, а се намалиле и залихите од бензини и други деривати, сигнализирајќи јакнење на побарувачката.
Нагорниот тренд, пак, го закочија податоците кои откриваат подзапирање на растот на американската економија. Активноста во услужниот сектор забележително забавила во март, а индексот на слободни работни мета на крајот од февруари бил на најниското ниво во речиси две години.
„Пригушените изгледи за американската економија го кочат растот на цените на нафтата на американскиот пазар, но и натаму очекуваме нивно благо зголемување до крајот на кварталот“, пишуваат во белешката за клиентите аналитичарите на „Nacional Australia Bank“.
„Подемот на пазарот на нафта можеби застана, но потенцијалот за раст не исчезна благодарејќи на контекстот на намалената понуда“, вели во анкетата на Reuters Стивен Бренок од PVM.