Цените на нафтата на меѓународните пазари во средата се стабилизираа, откако ден претходно зајакнаа за 3 отсто во услови на очекувања дека намалувањето на производството на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) ќе направи рамнотежа меѓу понудата и побарувачката на глобалниот пазар во услови на забавување на растот на светската економија.
На лондонскиот пазар цената на барелот во средата порасна за 19 центи во однос на ден порано, на 60,83 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше по незначително повисока цена од 52,21 долар. Засебно OPEC утрово објави дека цената на барелот од референтната кошница негова нафата во вторникот изнесувала 58,24 долари, што значи дека паднала за 15 центи во однос на тргувањето во понеделникот.
„Се чини дека нафтениот пазар внимателно ги следи агресивните кастрења во Саудиска Арабија, како и кинеските агресивни фискални потикнувања“, оценува за Reuters, Џонатан Барат од сиднејската компанија „Probis Securities“.
Кинеската централна банка во средата ја спроведе својата досега најголема дневна инјекција на готови пари преку обратните репо операции, влевајќи во финансискиот систем 83 милијарди долари во настојувањата да го спречи натамошното забавување на втората според обемот најголема светска економија.
На почетокот од седмицава, имено, Кина извести за послабите трговски резултати во декември, на годишно ниво паднале и увозот и извозот. Тоа предизвика загриженост околу забавувањето не само на кинеската, туку и на светската економија, а тоа засега е главниот ограничувачки фактор за позначителниот раст на цените на нафтата.