Цените на нафтата на светските пазари во понеделникот се повисоки за повеќе од 10 отсто, на највисоките нивоа во последните четири месеци, бидејќи нападите со беспилотни летатал врз најголемите нафтени комплекси во Саудиска Арабија ги намалија производството, според процените, за повеќе од 5 милиони барели дневно или за 5 отсто од вкупното производство во светот.
На лондонскиот пазар, цената на барелот сирова нафта утрово скокна за 13 отсто, на 68,05 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 15 отсто, на 60,90 долари.
Нападите со дронови на двете најголеми постројки на саудиската државна нафтена компанија „Saudi Aramco“ во покраините Абкаик и Кураис во саботата предизвикаа големи пожари и намалување на производството. Одговорноста за нападот ја преземаа јеменските шиитски бунтовници Хути, кои ги подржува Иран, како одмазда за нападите во Јемен од страна на сунитската арапска коалиција којашто ја предводи Саудиска Арабија. Поради тоа, пораснаа геополитичките тензии во регионот, а зајакнаа и стравувањата од остар пад на понудата на светскиот нафтен пазар.
„Очигледно, ова е лош ден доколку увезувате нафта. Прашањето не се состои толку во тоа кој, па дури и што е причината за нападите, туку во тоа што некои се прашуваат дали ќе гледаме напади и во иднина“, вели за Associated Press аналитичарот на „Pepperstone Group“, Крис Вестон.
Весникот The Wall Street Journal и телевизијата CNN, повикувајќи се на неименувани извори, пишуваат дека Саудиска Арабија, која е најголем извозник и еден од трите најголеми производители на нафта, по нападот во саботата го намалила произвоството за повеќе од половина, односно за 5,7 милиони барели дневно во вообичаеното производство од околу 9,8 милиони барели, од кои извезува 7 милиони. Поради тоа, светските цени на сировината скокнаа во просек за 12 до 13 отсто, а на моменти и до 19 отсто.
„Вестите за нападите со дронови врз саудиските нафтени постројки ќе одекната на светските пазари оваа седмица“, вели за Reuters Реј Ејтрил, стратег „National Australia Bank“.
А минатата седмица цените на нафтата паднаа за повеќе од 2 отсто, поради стравувањето на инвеститорите дека забавувањето на растот на најголемите светски економии ќе предизвика слабеење на побараувачката на енергенси.
На лондонскиот пазар цената на нафтата минатата седмица падна за 2,1 отсто, додека на американскиот пазар барелот поефтини за 3 отсто. Тоа беше последица од сигналите за натамошно забавување на растот на водечките светски економии. Сепак, кинеските и европските монетарни власти воведоа нови поттикнувачки економски мерки, но резултатот од тие мерки може да се очекуваат дури подоцна годинава.
Во меѓувреме, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и Меѓународната агенција за енергија (IEA) објавија извештаи во кои навестуваат можен вишок во понудата следната година, и покрај договорот на водечките производители за ограничување на производството кое е на сила до март 2020 година.
„За да го избегнат падот на цените и огромниот раст на резервите, OPEC+ (картелот на земјите извознички плус Русија – з.р.) ќе мора дополнително да го ограничи проиводството“, смета Еуген Вејнберг од германската „Commerzbank“.
На половината од годинава OPEC и неговите партнери предводени од Русија го продолжија договорот за намалување на производството за 1,2 милиони барели дневно до крајот на март следната година, но многу аналитичари сметаат дека наскоро наскоро ќе мора да сторат уште повеќе. Комитетот за надзор на спроведувањето на договорот на OPEC+ се сретна минатата седмица и осигури ветување од двете членки на нафтениот картел, Нигерија и Ирак, дека ќе ги почитуваат доделените квоти. Евентуалната одлука за позначително ограничување на производството беше одложена за декемри.