Словенечкиот министер за надворешни работи Миро Церар денеска оцени дека пресудата на Судот на ЕУ, кој се прогласи за ненадлежен во однос на тужбата од Љубљана против Загреб. „во ниту еден случај не значи победа на Хрватска“.
Изразувајќи жалење поради таа одлука на Судот на ЕУ, Церар изрази уверување дека тој Суд, доколку ја продолжел постапката, ќе утврдел дека Хрватска со неспроведувањето на арбитражната пресуда за границата го крши европското право.
Церар потенцираше дека е многу задоволен што истиот тој Суд, во образложението на пресудата, „јасно се изјаснил за тоа што мисли за арбитражната пресуда за границата“.
– Многу сме задоволни што Судот на ЕУ потврди дека арбитражната одлука била исправна и дека обете страни мора да ја имплементираат, потенцираше Церар, дополнувајќи дека во таа смисла, Словенија со тужбата ја постигнала својата цел, иако Судот се прогласи за ненадлежен.
– Судот на ЕУ, како ни Европската Комисија пред него, немаше доволно храброст да донесе одлука за важно правно прашање кое се однесува на европскиот поредок, рече Церар и истакна дека не треба да се заборави дека ЕУ е спонзор на арбитражниот договор меѓу Словенија и Хрватска и ко-потписник на документот.
Судот на Европската Унија во Луксембург денеска се прогласи за ненадлежен во однос на словенечката тужба против Хрватска поради наводно повредување на европското право, предизвикано од неспроведувањето на арбитрежната одлука за границата.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека денешната пресуда на Судот на ЕУ за ненадлежност по однос на словенечката тужба претставува победа на хрватските аргументи изнесени во приговорот до таа институција.
– Поради тоа повторно ја повикувам Словенија на дијалог и билатерални преговори со цел да дојдеме до взаемно прифатливо и трајно решение за прашањето на границата, напиша Пленковиќ во следниот твит.
Коментирајќи ја изјавата на Пленковиќ, Церар посочи дека „никако нема правна победа на Хрватска“.
– Хрватскиот премиер го игнорира оној дел од пресудата кој е јасно запишан и на кој Хрватска постојано ќе ја потсетуваме, ако е потребно и секоја седмица и секој месец, а тоа е дека и според овој став на највисоката судска инстанца во ЕУ, мора да го почитува меѓународното право, обврзната арбитражна пресуда и да признае дека границата е одредени, рече словенечкиот министер.
Со одлуката, Судот го прифати хрватскиот приговор за ненадлежност и постапката автоматски запира. Одлуките на Судот на ЕУ се конечни и без право на жалба.
Словенија почна постапка против Хрватска врз основа на член 259 од Договорот за функционирање на ЕУ и побара Судот на ЕУ да утврди дали Хрватска ги прекршува членовите 2 и 4 од Договорот, кои се однесуваат на почитување на владеење на правото и лојална соработка меѓу државите членки на Унијата.
Хрватска поднесе приговор за ненадлежност бидејќи смета дека Судот на ЕУ не е надлежен да одлучува за барањата на Словенија во наведената постапка со оглед на тоа дека меѓу двете држави не станува збор за спор за примена и толкување на европското право, што би било во надлежност на Судот на ЕУ.