Церемонијата на крунисување на британскиот монарх Чарлс Трети ќе се одржи на 6-ти мај 2023 година во Вестминстерската опатија, речиси осум месец по смртта на неговата мајка кралицата Елизабета Втора, објави во вторникот Бакингемскиот дворец.
„Церемонијата на крунисувањето ќе се одржи во Лондон, во Вестминстерската опатија, со која ќе чиноначалствува (духовниот поглавар на Англиканската црква) архиепископот Кантербериски (Џастин Велби). Во текот на церемонијата, Неговото Височество ќе биде крунисано заедно со кралицата сопруга (Камила). Крунисувањето ќе ја одрази улогата којашто ја игра монархијата денес и визијата за иднината, но исто така ќе се заснова на долгогодишните церемонијални традиции“, се вели во соопштението.
Поединостите за церемонијата ќе бидат објавени подоцна. Се очекува крунисувањето на Чарлс Трети да ги вклучи сите главни елементи коишто ги пропишува традицијата, но како одраз да духот на времето, тоа нема да биде претерано помпезно.
Претходно британските медиуми објавија дека таква била желбата на самиот монарх, бидејќи трошоците за церемонијата ги плаќа државата. Поради рецесијата во која потона економијата на Обединетото Кралство и историски рекордната стапка на инфлацијата, енормната буџетска потрошувачка можеби нема да биде добро прифатена од британските граѓани, оценуваат медиумите.
Наследникот на британскиот престол станува крал веднаш со смртта на претходниот монарх, но крунисувањето се изведува по неколку месеци, откако ќе заврши периодот на жалост. Кралицата Елизабета Втора, така, беше крунисана речиси година ипол по смртта на нејзиниот татко Џорџ Петти (1895-1952) на 2-ри јуни 1953 година.
Се очекува до крајот на годинава Чарлс Трети да ја потпише прокламацијата за датумот на одржување на церемонијата, која има религиозен и симболичен карактер. Од 1066 година англиските кралеви речиси секогаш биле крунисувани од надбискупот од Кантербери, кој мора да го „благослови и миропомаза“ монархот на империјата.
Како се одвива крунисувањето
Според традицијата утврдена во 1308 година, во текот на крунисувањето британскиот монарх седи на тронот на кралот Едвард, држејќи ги во рацете регалиите кои ја симболизираат моќта – жезолот и „кралското јаболко“ односно топката со крст.
Монархот дава заклетва дека ќе го штити законот и црква, по што го миропомазуваат. На крајот од крунисувањето монархот ја става на главата круната на свети Едвард Исповедник тепка 2,2 килограми, којашто се чува во лондонскиот Тауер и украсена со повеќе од 400 скапоцени камења под звуците на химната ја напушта опатијата.
На крунисувањето на Елизабета Втора во Вестминстерската опатија биле поканети над 8.000 гости, но сега од безбедносни причини, може да се поканат до 2.000 лица, што сериозно ќе го отежне составувањето на списокот на поканетите.
Принцот Чарлс од Велс стана монарх веднаш по смртта на Елизабета Втора. Истиот ден 8-ми септември беше објавено дека го земал престолонаследното име Чарлс Трети.
Чарлс Филип Артур Џорџ, кој потекнува од династијата Виндзор, имаше право да се нарекува Филип Први во чест на неговиот татко принцот-консорт (сопруг) Филип војводата од Единбург, или Џорџ Седми во спомен на неговиот дедо Џорџ Шести и прадедото Џорџ Петти. Сепак, при земањето на кралскиот назив, тој го следеше примерот на неговата мајка. За разлика од нејзините претходници, таа не го смени името кое го носеше пред да седне на тронот на 25-годишна возраст. Затоа за неговите поданици Чарлс остана Чарлс, но сега со редниот број кој доаѓа со новата должност.
На 10-ти септември Чарлс Трети беше официјално прогласен за крал, откако прогласот формално го усвоија членовите на Советот за престонаследување во дворецот Сент Џејмс во Лондон.