ЦГК: За 6 месеци се склучиле договори од 283 милиони евра во постапки за јавни набавки со само еден понудувач

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки спроведени од јануари до јуни 2023 година, како и Индексот на рационалност, каде што се споредени цените по кои разни институции набавувале сосема ист производ или услуга, во случајов услуги за заловување и стручен третман на кучињата скитници.

Клучните наоди од мониторингот и од Индексот на рационалност вклучуваат:

– секој трет договор за јавна набавка е склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Со вакво отсуство на конкуренција склучени се договори во вкупна вредност од 283 милиони евра;

– се намалува просечниот број на понуди во јавните набавки, кој во мониторираниот период падна на 2,8, наспроти 3, колку што изнесуваше во 2022 година. Отсуството на конкуренција е особено загрижувачко во здравството;

– одлуките што се донесуваат при спроведувањето на јавните набавки не се соодветно и прецизно образложени, што фрла сомнеж врз објективноста и законитоста на постапувањата. Ова главно се однесува на одлуките за отфрлање на доставените понуди и за поништување на тендерите;

– во значаен дел од постапките не се утврдуваат количините на она што се набавува, со што се оневозможува фирмите да понудат пониски цени за поголеми количини на набавка. Ова овозможува манипулација и злоупотреби во фазата на реализацијата на договорите;

– во нетранспарентната постапка со преговарање, без претходно објавување оглас, во првото полугодие од 2023 година склучени се договори во вкупна вредност од речиси 11 милиони евра. Дури 91 % од овие договори се склучени во преговори со само една фирма. Најголема вредност на овој вид договори има АД „Електрани“.

– истражувањето на цените на тендерите за третман на кучиња покажува многу ниска конкуренција од само 1,5 понуда од тендер. За некои услуги, како што е „еднодневен престој на куче во прифатилиште“, највисоката цена е 244 % повисока од просечната, а за друга услуга, „заловување, транспорт до амбуланта и враќање“, највисоката цена е 12,5 пати повисока од најниската.