Чарлс Трети ја прими во првата аудиенција премиерката Трас

Новиот британски монарх Чарлс Трети го имаше својот прв состанок со премиерката Лиз Трас во Бакингемскиот дворец, пренесува националниот радиодифузен BBC, а истовремено во катедралата на свети Павле во Лондон се одржа молебен и комеморација за покојната кралица Елизабета Втора.

Кралицата Елизабета Втора одржуваше седмични аудиенции со премиерот во текот на своите 70 години на британскиот престол.

Пред влегувањето во Бакингемскиот дворец кралот Чарлс Трети и кралицата сопруга Камила повеќе од десет минути се ракувале со десетиците лица собрани пред дворецот, пренесува Reuters.

Премиерката Трас направила наклон пред новиот крал и се ракувала со него, а тој и ветил дека „нема да ѝ одзема премногу време“. Нивната средба траела околу половина час, пренесуваат медиумите.

Пред официјалните разговори кралот ѝ кажал на премиерката дека било „многу трогателно“ да се види масата тажни луѓе поради смртта на неговата маја кога претходно стасал во дворецот.

Трас изразила „искрено сочувство“, а монархот рекол дека е „многу љубезна“, пренесува BBC.

„Ова е моментов од кој се плашев, а знам дека се плашеа и многу луѓе“, изјавил кралот Чарлс Трети по смртта на неговата мајка.

По средбата со кралот, премиерката Трас присуствувала на молебенот и комеморацијата за кралицата во лондонскиот храм на свети Павле каде што првпат официјално е интонирана химната „Боже чувај го кралот“. Во текот на владеењето на Елизабета Втора химната се изведуваше со стихот „Боже чувај ја кралицата“.

Во црквата било пренесувано првото обраќање на кралот во коешто Чарлс Трети изјави дека чувствува „длабока тага“ поради смртта на мајка му кралицата Елизабета Втора и вети дека ќе ја продолжи нејзината „доживотна служба“ на нацијата.