Часовникот за кој се тврди дека му припаѓал на германскиот нацистички водач Адолф Хитлер е продаден за 1,1 милион американски долари, на наддавање во САД.
Часовникот од марката „Huber“, кој му е продаден на анонимен понудувач, прикажува свастика и ги има изгравирано иницијалите АХ.
Еврејски познати личности и политичари го осудија ова наддавање организирано од аукциската куќа Alexander Historical Auctions во американската сојузна држава Мериленд. Меѓутоа, аукциската куќа којашто и во минатото продаваше нацистички сувенири, за германските медиуми соопшти дека нејзината цел е „зачувување на историјата“.
Адолф Хитлер ја водеше нацистичка Германија од 1933 до 1945 година, во која системски биле убиени шест милиони Евреи како и десетици милиони припадници на други народи.
Во каталогот во кој е претставен часовникот се наведува дека тој на нацистичкиот водач му е веројатно даден како роденденски подарок во 1933 година, кога станал германски канцелар. Аукциската куќа наведува, исто така, дека часовникот е земен како сувенир кога 30-ина француски војници на крајот од војната во мај 1945 година упаднале во Бергхоф, планинска утврдена резиденција на Хитлер. Тогаш се мислело дека часовникот е препродаден и пренесуван низ неколку генерации до денес.
Другите предмети понудени на наддавањето вклучувале и фустан кој ѝ припаѓал на Ева Браун, сопругата на Хитлер, слики на нацистички функционери со автограми и Давидова ѕвезда од жолта ткаенина со отпечатен збор „Jude“, односно на германски Евреин. Во текот на холокаустот нацистите ги присилувале Евреите да носат жолти ознаки како ленти или беџови, со намера да ги изолираат и омаловажуваат.
Во отвореното писмо кое ги потпишале 34 еврејски влијателни личности, аукцијата се нарекува „одвратна“ и се повикува на повлекување на нацистичките предмети од продажбата.