Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чаушоглу во неделата изјави дека нема причина за грижа поради напнатите односи на неговата земја со Русија, наведувајќи дека тие ќе бидат како „во старите добри времиња“, објави турскиот весник „Дејли сабах“, пренесе „Танјуг“.
Чаушоглу вчера го посети Руското друштво за култура и уметност во Анталија и рече дека Анкара ги вложува сите напори за нормализација на односите со Москва.
Според неговите зборови, во последните 15 години двете земји ги граделе односите „тула ои тула“ и значително придонеле односите да се подобрат.
Коментирајќи ги последиците од инцидентот со рускиот бомбардер што беше соборен од страна на турската авијација, Чаушоглу рече дека Анкара се обидува да стави крај на процесот на напнатост помеѓу двете земји.
Турција никогаш не преземала некакви негативни чекори кон Русија. Но, никој не треба да мисли дека молчиме затоа што сме виновни. Русија за нас е важен партнер, затоа ќе дејствуваме трпеливо. Ќе бидеме трпеливи извесно време и се ќе се среди, порача Чаушоглу.