Чави демантира проблеми со Барса и најавува дека останува тренер и идната сезона

По информацијата дека тренерот на шпанскиот фудбалски гигант Барселона, Чави Ернандез сепак ќе добие отказ, поради изјава која налутила луѓе од раководството се огласи и стратегот напоменувајќи дека нема никакви проблеми со раководството.

Чави кој неодамна ја смени својата одлука да не го напушта клубот, е убеден дека ќе остане да биде тренер и следната сезона и покрај информациите дека може да биде сменет откако кажа дека економската ситуација во клубот е тешка, што наводно го налутило и претседателот Жоан Лапорта.

-Никој ништо не ми кажал. Нашиот однос не е променет. Го кажав она што го мислам. Се бориме за сите трофеи, но ситуацијата не е лесна, а тоа не ја менува реалноста. Апсолутно сум сигурен дека ќе бидам тренер следната сезона. Чест ми е да работам за овој клуб. Имам амбиции да освојувам титули, но ситуацијата не е најдобра. Меѓутоа работиме да ја подобриме. Тоа им го пренесов и на Лапорта и на Деко и веќе ја планираме следната сезона заедно, рече Чави.