„Имаме потреба од НАТО“, изјави шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу пред новинарите во Брисел, каде пристигна за заседанието на Советот на ЕУ за надворешни работи, пренесе БТА.
-Навистина верувам во иднината на НАТО, додаде Чавушоглу.
Според него, воениот сојуз е неопходен за зачувување на заедничките вредности, мирот и стабилноста.
Турскиот министер денеска ќе им се приклучи на своите европски колеги во разгледувањето на активностите на Турција во Сирија и крај островот Кипар.
Пред еден месец ЕУ одлучи да и наметне санкции на Турција заради нејзините истражувања на резерви од гас во источното Средоземје.
Во последните неколку часа САД повторно ја предупредија Анкара дека е можно да воведе дополнителни санкции заради разместувањето руски противракетни системи на турска територија.