Руското Министерство за одбрана во дневниот брифинг за воените дејствија на украинското боиште во петокот потврди дека групи од чеченските специјални сили „Ахмет“ помогнати од руската војска и единиците на проруските сепаратисти од Доњецк спроведуваат офанзива чија цел е заземање на градот Марјинка.
Во четвртокот, командантот на специјалните сили на „Ахмат“, Атпи Алаудинов, изјави за руските медиуми дека руските сили „ослободиле“ околу 70 отсто од територијата на Марјинка и околината. Прецизираше дека тоа е направено пред доаѓањето на чеченските единици и оти во моментов чеченските специјалци ја извршуваат задачата за изведување јуришни операции.
Марјинка е град близнак на Доњецк, лоциран на еден километар од областа Петровск на главниот град на самопрогласената Доњецка народна република, кон административната граница до 2014 година. Таму украинската војска држи важни позиции и е една од главните точки од каде редовно артилериски се гаѓа градот Доњецк.
За борбите кои се водат за Марјинка, се огласи и чеченскиот водач Рамзан Кадиров.
„Јуришните одреди имаа задача да го потиснат непријателот за да го заштитат цивилното население. Борбите не се лесни. Непријателот испратил доволно сериозни сили во настојувањата да ги задржи своите позиции“, објави Кадиров на Telegram каналот.
Додава дека ситуацијата ја следи рускиот претседател Владимир Путин кој покажал интерес се поединостите и текот на офанзивата.
„Таквото внимание од шефот на државата укажува на големата одговорност за исполнување на поставените цели. Сигурен сум дека нашите борци ќе ја извршат наредбата без загуби и навреме“, порачува Кадиров.