Челниците од Донбас бараат воена поддршка од Русија а територија од Украина

Челниците на двете самопрогласени републики на украинскиот исток во областа Донбас во средата доцна вечерта побараа воена поддршка од рускиот претседател Владимир Путин наведувајќи дека властите во Киев ги зголемуваат силите на линијата на раздвојувањето и оти е можен напад.

Челниците на ткн Донецка и Луганска народна република, Денис Пушилин и Леонид Пашечник побараа помош за „одбивање на агресијата од украинските вооружени сили“, потврди портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.

Рече дека во дописот до Кремљ, Пушилин и Пешечник барале помош за „да се избегнат цивилни жртви и хуманитарна катастрофа во Донбас“.

„Рускиот претседател Владимир Путин прими писма од челниците на ЛНР и ДНР во кои се истакнува дека во моментов, поради влошување на ситуацијата и заканите од Киев, граѓаните … се принудени да ги напуштат своите домови и оти продолжува нивната евакуација. Во услови на продолжената воана агресија од страна на украинските вооружени сили во републиките, уништување на инфраструктурата, училишта, болници, детски градини и, најлошото, смртта на цивили вклучително и децва. Дејствијата на режимот во Киев сведочат за неподготвеноста да се запре војната во Донбас“, го цитираше Песков текстот од писмата.

Во дописите кои се цитираат во руските медиуми се наведува и дека Киев „продолжува да го зајакнува своето воено присуство“ на линијата на раздвојувањето, и се истакнува дека со „силната воена поддршка од САД и другите западни држави режимот во Киев е ориентиран на решавање на конфликтот со сила“.

 

Пушилин бара Украина да го предаде остатокот од Донбас

Претходно лидерот на проруските сили во Донецк изјави дека украинските сили би требало да се повлечат од целата административна територија на која самопрогласената република полага право.

Според Пушилин таквото сценарио би претставувал „оптимално решение“. Властите во Донецк и Луганск сметаат дека полагаат право на многу поголем дел од регионите кои моментално ги контролираат, повикувајќи се на административните граници пред превратот во 2014 година во Киев и почетокот на конфликтот во источна Украина.

Пушилин порача дека со Украина сака „мирно да го реши прашањето на границите“, но го задржа правото од Русија да побара помош.

Повтори дека ситуацијата на истокот на Украина е критична и дека милициите во Донецк и Луганск ја забрзале мобилизацијата на здравите мажи од 18 до 55 години поради јакнењето на украинската војска на линијата на фронтот.

„Ние ќе победиме. Со вакви луѓе, ние ќе победиме. Со таква земја, големата Русија, којашто ја почитуваме и цениме, немаме право да се сомневаме во нашата победа“, рече Пушилин.

На прашањето дали Донецк ќе ја прошири својата територија, Пушилин одговори: „Сѐ уште не сме во таа фаза. Сега сме во фазата кога непријателот е на линијата на раздвојувањето и може да нѐ нападне секој момент.