Челникот Хезболах, Хасан Сајед Насралах, во четвртокот порача дека ова либанско шиитско движење ќе одговори со „праведна казна“ на експлозиите на комуникациските уреди на членовите на движењето, за кои го обвинува Израел.
Истовремено и командантот на иранската Револуционерна гарда, Хосеин Салами, рече дека Израел ќе се соочи со „силен одговор од силите на отпорот“, објавија државните медиуми.
Со Силите на отпорот се именуваат проиранските шиитски вооружени милиции групи на Блискиот исток, вклучувајќи ги Хезболах во Либан, јеменските Хути и Силите за народната мобилизација на Ирак.
Ираел ја надмина секоја мера со смртоносните напади што ги разнесоа воки-токи уредите и пејџерите кои ги користеле припадници на Хезболах но и политички дејци како и цивили, оцени Насрала, водачот на силно вооруженото либанско движење, во телевизиско обраќање додека во истите моменти израелските воени авиони ја пробиваа звучната бариера и ги тресеа зградите во Бејрут.
Либан и Хезболах го обвинија Израел за нападите врз комуникациската опрема на Хезболах во кои загинаа 37 луѓе, а беа ранети околу 3.000, преплавувајќи ги болниците во земјата. Израел директно не ги коментираше нападите, за кои безбедносни извори во земјата и во најголемиот израелски сојузник САД велат дека најверојатно биле извршени од израелската разузнавачка служба Мосад.
„Нема сомнеж дека се соочивме со голем безбедносен и воен удар без преседан во историјата на отпорот и без преседан во историјата на Либан. Овој тип убиства, таргетирање и криминал е можеби без преседан во светот“, рече Насрала.
Нападите „ги преминаа сите црвени линии“, истакна тој. „Непријателот ги прекрши сите контроли, закони и морал“, рече Насрала, додавајќи дека нападите „треба да се сметаат за воени злосторства или објава на војна“.
Додека се емитуваше неговиот говор, заглушувачката бука на израелските воени авиони го потресуваа Бејрут, звук што често се слушаше во последните неколку месеци, но стана многу поважен откако се засили заканата од сеопфатна војна во регионот.
Израел соопшти дека неговите авиони го гаѓале јужниот дел на Либан во четвртокот вечерта. Хезболах објави дека во четвртокот продолжиле нападите во пограничната област.
Нападите врз комуникациската опрема на Хезболах раширија страв низ Либан, а голем дел од населението веќе ги отфрли електронските уреди поради страв дека всушност носат бомби во џебовите.