![celzi osvoi itihat](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2014/02/celzi-osvoi-itihat1.jpg?resize=615%2C409&ssl=1)
Долго очекуваната пресметка помеѓу директните ривали за шампионската титула во англиската Премиер лига, дуелот помеѓу најбогатите на Островот, Манчестер Сити и Челзи, заврши со минимален триумф на лондонските „сини”.
Погодокот вреден три бода, постигнат во 24 минута беше дело на српскиот интернационалец, Бранислав Ивановиќ, а немаше да биде незаслужено и доколку гостинот забележеше уште поубедлива победа.
Избраниците на Жозе Мурињо имаа целосна контрола врз играта и врз топката, создадоа неколку чисти шанси пред противничкиот гол и трипати ја погодија рамката од противничкиот гол.
Челзи моментално има ист број на бодови со Манчестер Сити, а двата клуба имаат два бода помалку од актуелниот лидер на табелата, тимот на Арсенал.
„Мислам дека одигравме фантастично. Забележавме две победи кога за противник го имаме најдобриот тим во англиската Премиер лига. Пропуштивме неколку чисти шанси, можевме порано да ставиме крај на сите дилеми кога е во прашање победникот. Работевме напорно во сите 90 минути. Точно дека сме дел од борбата за шампионската титула, но не сме фаворит. Победвме затоа што бевме подобри”, изјави менаџерот на Челзи.