Во дербито од 22-то коло на англиското фудбалскот првенство Челзи како гостин со 1:0 го совладата Тотенхем, нанесувајќи му го третиот последователен пораз.
Дербито не ги оправда очекувањата и донесе многу скромен фудбал, меч во кој фудбалерите на Челзи за нијанса покажаа малку повеќе, а прашањето на победникот беше решено од пенал во 24 минута.
Ерик Диер невнимателно во сопствениот шеснаесетник го собори Тимо Вернер, а Жоргињо беше сигурен реализатор од белата точка. Тотенхем својата најдобра шанса ја имаше во 79 минута кога Ерик Ламела шутираше од работ на шеснаесетникот, а Едуард Менди одлично одбрани.
За Тотенхем ова беше третиот последователн пораз, што не му се има случено на тимот од 2012 година, додека Жозе Мурињо првпат во својата тренерска кариера загуби два домашни првенствени натпревара во низа, откако во претпоследниот домашен меч беше со 1:3 поразен од актуелниот шампион Ливерпул.
За разлика од Португалецот, неговиот колега на ривалската тренерска клупа, Томас Тухел, е задоволен, зашто во третиот натпревар со Челзи оствари две победи со едно реми со гол разлика 3:0.
Челзи сега е на шестото место со 36 бодови, два помалку од петтиот Вест Хем Јунајтед кој го држи местото местото кое директно води во Лига Европа. Тотенхем остана осми со 33 бодови од 21 натпревар.
Во водство е Манчестер Сити кој има одиграно 21 коло со 47 бодови, три повеќе од вторпласираниот Манчестер Јунајтед. Третиот Лестер Сити има 42 бода а четвртиот Ливерпул има 40 бодови.