Кафулињата, рестораните, хотелите и базените во Чешка од понеделникот ќе бидат отворени во новата фаза од олабавување на мерките воведени во борбата за справување со епидемијата од коронавирусот.
Кафулињата и рестораните потполно се отвораат откако претходно им беше дозволено послужувањето на гостите само во надворешниот простор на објектот. Се отвораат и хотелите и апартманите, како и затворените и базените на отворено.
Дворците и замоците, исто така, ќе бидат отворени за посетителите од понеделникот, а на спортските настани ќе можат да присуствуваат до 300 учесници и гледачи.
Строгите епидемиолошко-хигиенски мерки остануваат на сила во целата земја.
Министерот за здравство Адам Војчех изјави во неделата дека некои мерки, како забраната за посети на пациентите во болниците, ќе останат подолго на сила во источниот регион Карвина. Овој регион е ново жариште по избувнувањето на коронавирусот во рудникот Дарков. Досега 212 рудари и членови на нивните семејства се позитивни на коронавирусот.
Забраната за влез во Чешка за странските туристи сѐ уште е на сила, и не е познат датумот за повторно отворање на границите.
Во Чешка заклучно со неделата потврдени се 8.932 случаи на зараза со короанвирусот и 315 починати лица, a оздравени се 6.063 пациенти.