Чешката Република и Полска презедоа координирана акција за воведување контроли долж нивните граници со Словачка за да се спречат нелегалната миграција и активностите на криумчирите на луѓе, соопштија двете земји во вторник.
Од среда ќе се применуваат построги контроли и ќе траат десет дена, со можност за продолжување на контролите.
„Оваа мерка е неопходна за ефикасна борба против групите шверцери и илегалната миграција“, објави чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракусан на социјалната платформа Х.
„Контролите ќе се одвиваат по случаен избор долж целата граница со Словачка, на таков начин што ќе се ограничи што помалку прекуграничниот сообраќај и да не се оптоварува непотребно сообраќајот или патниците“, додаде тој.
Словачка се соочува со зголемен број илегални мигранти кои пристигнуваат во земјата во своите обиди да стигнат до Германија и Западна Европа. Мигрантите, главно млади мажи од Блискиот исток и Авганистан, претежно пристигнувале преку таканаречената Балканска рута, влегувајќи во Унгарија од Србија.
Словачкиот левичарски политичар Роберт Фицо зазеде тврд став по ова прашање пред изборите минатиот викенд, на кои победи неговата партија. Во понеделникот Фицо го доби мандатот за формирање на словачката влада и рече дека чувањето на границата со Унгарија ќе биде главен приоритет.
Словачкото Министерство за внатрешни работи не одговорило веднаш на барањето за коментар за меиумите.
Полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински рече дека ги информирал колегите во Германија, Словачка, Австрија и Чешка, како и Европската комисија за новите контроли.
„Последниве седмици лоциравме и приведовме 551 илегален мигрант на границата со Словачка. Оваа ситуација нѐ поттикнува да преземеме одлучни мерки“, рече Камински.