Чешки милијардер купи 27 отсто од уделите во Вест Хем

Чешкиот милијардер Даниел Кретински купи 27 отсто од уделите во англискиот премиерлигаш Вест Хем Јунајтед, се наведува во објавата од средата.

Компанијата „Holdings 1890“, чиј сопственик е Кретински, стана сопственик на речиси третина од уделите во Вест Хем, а Кретински и неговиот партнер Павел Хорски се именувани во управниот одбор на клубот.

Кртински воедно е и сопственик на прославениот чешки клуб Славија од Прага.

„Одушевен сум што овој проект сега успешно е заокружен. Страствен сум кога станува збор за фудбалот, а многу ја ценам и почитувам извонредната историја и традиција на Вест Хем Јунајтед“, изјави Кретински.

Вест Хем во моментов е третопласиран на табелата на англиската Премиер лига со 23 бода, колку што има и второпласираниот актуелен шампион Манчестер Сити, а три бода помалку од водечкиот Челзи.

Вест Хем Јунајтед е основан во 1895 година под називот Темза Ајронворкс и е реформиран во 1900 година под сегашниот назив, а во најсилната англиска лига се приклучува 1923 година.

Вест Хем трипати е победник на најстарото клупско натпреварување на светот ФА Купот во 1964, 1975 и 1980 година, а исто така двапати бил второпласиран, во 1923 и 2006 година. Клубот има две големи европски финалиња, освојувајќи го некогашниот Куп на победниците на куповите во 1965 година и завршувајќи како второпласирани во истото натпреварување во 1976 година. Вест Хем, исто така, го освои Интертото купот во 1999 година.

Вест Хем Јунајтед е само еден од осумте клубовите кои никогаш не паднале под вториот квалитативен ранг на англискиот фудбал, минувајќи 63 од 95 сезони во првата лига. Највисоката лигашка позиција на клубот во историјата е остварена во сезоната 1985/86 година, кога го освои третото место во тогашната Прва дивизија.