Чест ми е што сум капитен, само сплотени можеме до успех, вели Барди

На средбата со новинарите пред натпреварот против Италија, освен селекторот Милевски се обрати и новиот капитен на репрезентацијата, Енис Барди кој кажа:

„Ова за мене е голема чест, како и мотив. Да се биде капитен на репрезентација значи многу за мене. Тука има доста капитени кои немаат трака. Има многу лидери кои заслужуваат да имаат таква улога како мене. Како што претходно сум играл со Пандев и Ристовски, чест ми е што и јас ќе бидам капитен. Ова е нов предизвик за мене. Атмосферата е одлична, доаѓаме по припреми. Многу играчи се во добра натпреварувачка форма. Секогаш кога доаѓаме да играме за Македонија имаме многу мотив. Секој треба да преземе одговорност и да даде свој максимум.

Се припремаме за натпреварот со Италија. Треба да се стремиме кон нови успеси и добри резултати. Мора да сме сконцентрирани целосно, против вакви противници нема друг начин за позитивен резултат. Во денешниот фудбал, мислам дека против секој ривал, ако не си дисциплиниран тешко ќе дојдеш до позитивен резултат. Во малиот период што сме заедно, се обидуваме да се консолидираме. Мислам дека овојпат зборувавме повеќе, бидејќи видовме дека само со дисциплина и тимски дух можеме до добри резултати. Само заедно, ако си помагаме еден на друг и даваме максимум, оваа мала држава може до успех. Кога еден тим претрпува измени, не е лесно. Ние имаме дебитанти, како и млади играчи. Сметам дека имаме искуство за да ја изменаџираме оваа ситуација“.