Честитка по попод христијанскиот празник Рождество христово Божик до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан и до православните верници упати директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Валентина Божиновска.
– Дозволете ми во мое лично име и во името на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Вам лично, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на целото свештенство и монаштво да упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник-Рождество христово Божик. Божик е најрадосниот празник меѓу христијаните, денот кога секој од нас во кругот на нашите семејства најмногу треба да се радува и да биде со Бога, се вели во честитката.
Како народ на верата, посочува Божиновска, отсекогаш сме граделе заедница врз вистинска божја љубов со која сме ги негувале највисоките духовни вредности и сме се радувале на божјите благослови.
– Нашата Македонска Православна Црква-Охридска Архиепископија е вистинскиот пример за тоа. Таа е нашиот духовен светилник преку кој силно и гордо свети нашиот национален идентитет, нашето богољубие, столбот на македонската духовна и вековна опстојба. Големата љубов со која Бог на овој голем празник преку Раѓањето Христово се објави на сите луѓе е и наш заеднички стремеж, да не дозволиме да зацаруваат омразата и поделбите, туку љубовта, мирот и взаемното почитување. Токму затоа, нека празничната икона на новородениот Спасител биде постојано пред нашите духовни очи, да продолжиме да ја негуваме и чувствуваме божиќната радост традиционално присутна во секој наш дом и во секое наше семејство и истата да ја пренесуваме на нашите рожби и идни поколенија, стои во честитката.