Четири лица загинаа откако романски автобус удрил во автомобил кај Велико Трново-Бугарија

Според првичните информации, околу 2 часот, автобус со романски регистарски таблички управуван од турски државјанин удрил во автомобил со холандски регистарски таблички, кој бил застанат во третата лента на автопатот Велико Трново – Русе, по што удрил во дрво.

Во несреќата животот го загубиле 4 лица, а повредени се 9, од кои еден е пренесен во болница со сериозни повреди на мозокот. Сите загинати и повредени се патници од автобусот, а од автомобилот ниту еден патник не е повреден. Вкупно 25 лица патувале во автобусот, а двајцата возачи се задржани од полицијата, пренесува НОВА.

Овој дел од патот е моментално затворен и ќе остане затворен најмалку до пладне. Сите автомобили се пренасочуваат по алтернативни патишта, бидејќи во моментот се врши увид од вештаци и полициски тимови. Се очекува во текот на денот да пристигнат и истражители од Националната истражна служба за да спроведат дополнителни проверки.