Четворица Молдавци загинаа во пад на товарен авион на француската војска во Брегот на Слоновата Коска (ФОТО и ВИДЕО)

© REUTERS / Ange Aboa

Најмалку четири лица загинале во несреќа на товарен авион кај крајбрежјето на Брегот на Слоновата Коска, пренесува агенцијата Reuters повикувајќи се на очевидци.

Според агенцијата, спасувачите успеале да извлечат тела на двајца настрадани од трупот на авионот чиишто делови биле исфрлени на брегот. Очевидци изјавиле дека забележале уште две тела меѓу остатоците од леталото.

Подоцна министерот за внатрешни работи на Брегот на Слоновата Коска, Сидики Диакате, потврди дека во падот на авионот загинале четири лица, сите државјани на Молдавија. Покрај нив, повредени се уште шест лица, од кој двајца Молдавци и четворица Французи.

Според првичните сознанија, авионот се урнал набргу по полетувањето од аеродромот во Абиџан.

Претходно локалниот портал Koaci објави повикувајќи се на сопствени извори, дека авионот бил во сопственост на украинска воздухопловна компанија кој превезувала товар за француската војска.