Четворица полицајци се убиени а уште шестмина нивни колеги се ранети во напад во петокот на банда блиска на нарко-картелите во регионот Бакојана во мексиканската сојузна држава Чихуахуа.
Како што соопштила комисијата за безбедност во споменатата сојузна држава, заседата на полицискиот конвој била организирана од страна на криминалната организација Ла Лиена, којашто е дел од зглогласниот нарко-картел Хуарез. Според првичните сознанија, криминалците користеле гранати во текот на нападот, а сосема изгореле две полициски возила.
Во петокот во подрачјето на нападот се одвива голема полициска операција за пронаоѓање на напаѓачите, во којашто се вклучени и хеликоптери. Истовремено се преземени и активности за потрага по еден полицаец, кого криминалците го земале во заложништво.
Локалните медиуми во своите извештаи истакнуваат дека нападот врз полицијата се случил веднаш откако мексиканските власти објавиле дека ангажирале дополнителни сили за воспоставување на редот и мирот во немирната сојузна држава Чихуахуа, како и дека тоа претставува директен предизвик за нејзиниот гувернер Хавиер Корал.