Обединетата македонска дијаспора (ОМД) соопшти дека конгресмените Пол Кук, републиканец од Калифорнија, Дон Бејер, демократ од Вирџинија, Курт Клосон, републиканец од Флорида и Брендон Бојл, демократ од Пенсилванија, се приклучија во Конгресната група пријатели на Македонија.
Оваа група сега брои 24 конгресмени, односно шест повеќе од почетокот на оваа година. Конгресната група пријатели на Македонија и Американци со македонско потекло има членови од 14 од вкупно 50 сојузни држави во САД и еден федерален дистрикт, а 13 се републиканци, 11 демократи.
– Овој успех е производ од зголемениот активизам на Американците со македонско потелко, како и растечката поддршка од членови на американскиот Конгрес кои ја разбираат важноста на односите помеѓу САД и Македонија. Пристапувањето на четирите нови конгресмени кон оваа група претставува подобрување на можностите да се обезбеди објективен дијалог за прашања од значење за Македонија и Американци со македонско потекло, изјави претседателот на ОМД, Методија А. Колоски.
Конгресменот Кук е претставник на 8-от дистрикт на Калифорнија. Пред да стане конгресмен, 26 години служел во американската армија и има добиено бројни награди меѓу кои две Пурпини срца и бронзениот медал за храброст. Во американскиот Конгрес, тој е член на Комитетот за вооружени служби, Комитетот за надворешни работи и Комитетот за природни ресурси. Конгресменот Кук е коспонзор на конгресната резолуцијата 56, како и потписник на Турнер-Енгел писмото до државниот секретар на САД, Џон Кери, во кои изразува голема поддршка за пристапување на Македонија во НАТО.
Конгресменот Бејер го извршува својот прв мандат како претставник на 8-от дистрикт на Вирџинија. Пред тоа, тој беше амбасадор на САД во Швајцарија и Лихтештајн, а од 1990 до 1998 беше вршител на должноста лутенант-гувернер на Вирџинија. Како амбасадор, Бејер се залагаше за построги санкции кон Иран со цел да се изнуди дискусија за нуклеарно разоружување, и беше еден од клучните играчи во напорите на американскиот Департмент за правда да ја спречи злоупотребата на швајцарската банкарска тајна од страна на богатите Американци.
Конгресменот Клосон е претставник на 19-от дистрикт на Флорида и е член во Комитетот за надворешни работи и Комитетот за домашна безбедност. Тој е коспонзор на конгресната резолуцијата 56 и е голем поддржувач за членство на Македонија во НАТО. Тој е поранешен кошаркар на универзитетот Пурдју и е извршен директор на Хејс Лемерз.
Конгресменот Бојл го извршува својот прв мандат како претставник на 13-от дистрикт на Пенсилванија. Како син на ирски имигрант, Бојл е роден и израснат во Пенсилванија и е првиот член во неговото семејство кој има завршено факултетско образование. Тој има завршено на факултетот за политички науки на Нотре Даме, а неговите магистарски студии ги има завршено на Харвард. Пред преземањето на функцијата како конгресмен, тој, заедно со неговиот брат Кевин Бојл, работеше во Претставничкиот дом на сојузната држава Пенсилванија. Конгресменот Бојл е член на Комитетот за надворешни работи и е ко-спонзор на конгресната резолуција 56.