Во областа Транскарпатие, во близина на границата со Унгарија, група оперативци на Службата за безбедност на Украина (СБУ), во која биле четири офицери, се најдени мртви застрелани од огнено оружје како и траги на нивните тела дека биле мачени, објави во понеделникот ноќта порталот Страна.ua, повикувајќи се на свои извори во службата.
„Според офицер на специјалната служба, најдени се мртви четворица припадници на СБУ“, се вели во написот.
Се додава дека опертативна група на СБУ од тројца офицери од седиштето на агенцијата во Киев и припадник на окружната управа биле во операција да документираат криумчарење на границата меѓу Украина, Унгарија и Романија.
Според информациите на порталот, криумчарите по должината на границата купиле многу плацеви и на нив подигнале приватни куќи кои ги користеле во илегалната прекугранична трговија. Се претпоставува, дека разузнавачите требало да откријат што се случува на овој дел од граница, но паднале во стапица и биле ликвидирани.
Извори на порталот од безбедносните служби додале дека некој од „разузнавачката агенција им ги открил на локалните бандити информациите за пристигнувањето на специјалната група оперативци“. Потрагата по службениците на СБУ започнала откако била прекината комуникацијата со нив. Телата биле откриени пред две седмици и на нив имало траги од мачење а биле егзекутирани со истрели во главите, се додава во новинаскиот извештај.
Од СБИ официјално не потврдиле долго време дека се случил ваков инцидент. Меѓутоа, по објавувањето на информацијата, доцна вечерта во понеделникот, портпаролката на СБУ, Елена Гитлјанскаја целосно го негирала написот.
„Почитувани новинари, не ширете лажни вести за ‘егзекутирањето на група на СБУ’ во Транскарпатија. Тоа е целосна глупост“, напиша Гитланскаја на Facebook без дополнителни детали.