Четвртина од Италијанците веруваат во теориите на заговор поврзани со избувнувањето на пандемијата на Covod-19, во прв ред дека коронавирусот е создаден во лабораторија за да се влијае врз рамнотежата на силите во меѓународните односи или, пак, дека тој воопшто не постои и оти се користи како изговор за контрола врз луѓето, покажуваат резултатите од испитувањето на јавното мнение објавени во вторникот.
Секој петти Италијанец, или 20 отсто, мисли дека вирусот е создаден во лабораторија и дека е намерно распространет за да се влијае врз рамнотежата на силите во светот, а уште 5 отсто сметаат дека тој воопшто не постои, туку дека се користи за да се наметне контрола врз животите на луѓето и врз економиите во светот, покажува анкетата која ја спровела агенцијата SWG на примерок од 800 испитаници за телевизиската мрежа La7 и чија маргина на можна грешка е 3,4 отсто.
Меѓу приврзаниците на теоријата на заговор, 33 отсто сметаат дека вирусот го создаел Кинезите за да ги ослабат другите земји, 21 отсто сметаат дека тоа го сториле големите интернетски компании за да се збогатат, 20 отсто се убедени дека го создале светските елити за да воведат ткн здравствена диктатура, а 16 отсто сметаат дека го создала светската мафија за да се збогати и да ја зајакне својата моќ.
Кога станува збор за вакцината против коронавирусот, 44 отсто од испитаниците велат дека сигурно ќе се вакцинираат, а 26 отсто само доколку тоа биде задолжително. Наспроти нив, 11 отсто нема да го сторат тоа дури и доколку бидат принудени, а 19 отсто сѐ уште не знаат што би одлучиле.
Испитаниците искажуваат голема критика кон младите, за кои велат дека се главните пренесувачи на коронавирусот.
Така, дури 71 отсто велат дека главно или потполно се согласуваат со ставот: „Денешната младина е порасната во благосостојба, сѐ добива на готово, па дури и во време на Covid-19 не се подготвени на никаква жртва за општото добро“.
Италија во февруари годинава беше најтешко погодената земја и во Европа и во светот во пандемијата на новиот коронавирус SARS-CoV-2. Во понделникот тамошните здравствени власти пријавија дека е минат прагот од 50.000 починати и повеќе од 1,4 милиони заразени.