Четвртина од македонските граѓани живеат денеска и не мислат за утре

Точно една четвртина од македонските граѓани се изјасниле дека живеат денес и не мислат за утре во анкета на ОЕЦД и ИНФЕ објавени во извештајот „Финансиската писменост на возрасните во Југоисточна Европа“, во кој се мери степенот на финансиска писменост на населението од регионот.

Според резултатите од анкетата , за разлика од 25-те проценти кои го прифаќаат ставот „живеј денес и не мисли за утре“, 17 отсто од анкетираните се  неутрални по ова прашање, а над половината, или 51 отсто не се согласуваат со таков начин на живот.

Од жителите на нашата држава и на Хрватска незадоволство од финасиската состојба во која се наоѓаат покажале 36 проценти и тие се најзадоволни од сите анкетирани. Најнезадоволни, пак, се Грузијците. Дури 58 проценти од нив во анкетата се изјасниле дека се незадоволни од финансиската состојба.

Анкетирани се граѓаните на нашата држава, на Бугарија, Хрватска, Грузија, Молдавија, Црна Гора и Романија. Тие изјавиле дека се загрижени и дека се под стрес за нивната финансиска состојба и можноста да ги покријат животните трошоци.

Ова мерење на финансиската писменост покажа дека возрасното население од Југоисточна Европа постигнало околу 57 отсто од можниот максимум, што е пониско од постигнатите резултати на земјите од ЕУ и ОЕЦД, добиени преку истата методологија од истражувањата, каде изнесува од 64 отсто, односно 65 отсто.