Четвртиот НЛО над САД соборен од вториот обид, потврди Пентагон

Американската војска го соборила четвртиот неидентификуван летачки објект забележан над САД минатата седмица од вториот обид, а првиот истрелан проектил паднал во езерото Хјурон, потврди во вторникот шефот на Здружениот штаб на началниците на генералштабовите на американската армија, генералот Марк Мили.

Администрацијата на САД ги означува трите последни соборени летала изминатиот викенд како „неидентификувани летачки објекти“ (НЛО). Генералот Мили, во изјавата дадена денеска во Брисел на маргините од новиот состанок на контактната група земји којашто ја иницираше Вашингтон и неговите сојузници за собирање оружје за помош на Украина во нејзината војна против Русија. Мили првично ги опишуваше како „аеростати“ (балони) по аналогија со првиот соборен во морето крај сојузната држава Јужна Каролина, за кој САД тврдат дека бил кинеско шпионско летало а Пекинг тврди дека станува збор за метеоролошки-научен балон. Подоцна американскиот генерал го користеше терминот „објект“.

Од новинарите од генералот Мили беше баран коментар за информациите дека првата ракета истрелана од борбениот авион „F-16“ кон летечкиот објект над езерото Хјурон во северниот дел од земјата кон границата со САД, не ја погодил целта.

„Да, првата (ракета) го промаши првиот балон. Зборуваме за аеростатот кој беше соборен над езерото Хјурон“, рече Мили и додаде дека проектилот „паднал во водите на езерото Хјурон непредизвикувајќи никакви штети“. Генералот истакна дека војската „многу внимателно ги планира“ таквите операции.

„Првиот балон, кинескиот балон за надзор кој падна во Атлантикот крај брегот на Јужна Каролина, беше соборен од првиот удар. Вториот, во близината на северниот брег на Алјаска, исто така, од првиот удар. Третиот беше соборен од првиот обид во регионот на (канадската Арктичка територија) Јукон. Во случајот на четвртиот, над езерото Хјурон, првата ракета ја промаши целта, втората ја погоди“, додаде Мили.

Потоа американскиот генерал истакна дека поимот „објект“ треба да се користи во однос на последните три летачки уреди, додека не бидат откриени и проучени остатоците од нив.

„Ќе го користам терминот ‘објект’. Сѐ уште не ги најдовме фрагментите. Како што знаете, остатоците од вториот, третиот и четвртиот сѐ уште не се пронајдени. Ги подигнуваме остатоците од првиот, веќе извлековме (од морето) многу нешта. Но тоа не се однесува за вториот, третиот и четвртиот“, истакна генералот Мили.

Појасни дека ќе биде многу тешко остатоците од последните три летала да бидат подигнати. Односно, остатоците од уредот соборен над Алјаска паднале недалеку од Арктичкиот круг, каде што температурите паѓаат и до 40 Целзиусови степени под нулата, на Јукон во планинска област, а од соборениот над езерото Хјурон се наоѓаат на длабочина од 30,5 метри.

„На крајот сите ќе ги подигнеме, но за тоа ќе биде неопходно извесно време“, истакна американскиот генерал Мили.

Претходно во вторникот портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека лошите временски услови го отежнуваат пронаоѓањето на остатоците од соборените објекти. Потврди дека САД немаат цврст увид во потеклото на трите објекта, за кои ниедна организација, држава или поединец досега не се огласи да ја преземе сопственоста над трите објекта.

Кирби рече и дека остатоците од објектите  паднале во тешко пристапни области. Два се на замрзнатиот север а третиот во езерото Хјурон од каде што, како што нагласи, тешко може да бидат извлечени.

Кирби рече и дека американската разузнавачка служба ја разгледуваат можноста според којашто летачките уреди биле користени во комерцијални цели или поради научни истражувања, како и дека засега нема знаци дека трите урнати објекти се поврзани со кинеската програма за шпионски балони.