Чилеанците со големо мнозинство го одбија новиот „прогресивен“ устав

Чилеанците гласале во неделата против предлогот за новиот устав на државата кој се опишуваше како еден од „најпрогресивните“ во светот, покажуваат првичните резултати од националниот референдум.

По преброените речиси 90 отсто од избирачкиот материјал, изборната комисија објави дека 62 отсто од гласачите гласале против. Наспроти тоа 38 отсто гласале за прифаќање на новиот устав, кој требаше од темел да ја промени оваа јужноамериканска држава.

Гласањето на референдум во Чиле, инаку, е задолжително и се сметаше дека ја зголемува неизвесноста околу конечниот резултат. Повеќе од 15 милиони Чилеанци имаат право на глас, а се изјаснуваа на повеќе од 3.000 избирачки места, вклучителни и на националниот стадион во главниот град Сантјаго.

Предреферендумските истражувања на јавното мнение укажуваа дека таканаречениот „прогресивен“ нацрт на новиот Устав на Чиле би можел да биде одбиен, но сепак неговите предлагачи се изненадени од големиот број гласови со кој е одбиен.

Чилеанскиот претседател Габриел Борич изјави дека бил подготвен за пораз. Ги повика сите политички партии во понеделникот во претседателската резиденција за да проценат како да се продолжи со уставниот процес, пишува весникот La Tercera.

Уставната комисија една година работеше на повторното пишување на уставот на Чиле, каде големо влијание има католичката црква којашто се залага за зачувување на традиционалните вредности.

Текстот на нацртот за новиот устав беше резултат на договор постигнат за да се стивнат протестите против нееднаквоста започнати во 2019 година, а се фокусира на социјалните права,, екологијата, родовата рамноправност и правата на домородечкото население.

Додека речиси 80 отсто од Чилеанците кон крајот на 2020 година гласаа да биде изработен нов устав на земјата, последните анкети укажуваа дека поддршката во јавноста за новиот текст многу се намалила поради стравувањата во поглед на некои предлози во прв ред со малцинските заедници и бракот, како и контроверзиите во врска со делегатите во уставотворното собрание.

Владејачката коалиција претходно се согласи да го измени текстот, доколку мине на плебисцитот, и на 57 преодни норми кои би помогнале во преминувањето од едниот устав на другиот. Претседателот Борич пред гласањето изјави дека доколку текстот не добие поддршка, целиот процес треба да започне од почетокот, за да биде исполнет мандатот кој го доби во 2020-та да се подготви новиот устав.