Член на екипажот на „Blue Origin“ загина во несреќа на мал авион

Американскиот претприемач Глен де Врис кој во октомври леташе во Веселената со леталото на компанијата „Blue Origin“ на милијардерот Џеф Безос загинал во четвртокот во несреќа со мал авион, објавија во петокот американските медиуми.

Авионот се урнал во округот Сасекс во американската сојузна држава Њу Џерси. Загинале 49-годишниот Глен де Врис и 54-годишниот Томас П. Фишер. Полицијата соопшти дека отворила истрага.

„Скршени сме поради веста за ненадејното заминување на Глен де Врис. Тој внесе толку живот и енергија во целиот тим на Blue Origin и меѓу членовите на екипажот. Неговата страст за воздухопловството, неговата хуманитарна работа и посветеноста на оваа вешитна долго ќе бидат почитувани и ценети“, објавија од Blue Origin на Twitter.

Глен де Врис, коосновач и извршен директор на платформата за клинички истражувања „Medidata Solutions“ кон средината на октомври на летот на „Blue Origin“ беше дел од екипажот кој го сочинуваа уште актерската икона на „Ѕвездени патеки“, Вилијам Шетнер кој со своите 90 години стана најстариот човек кој летал во Вселената, Крис Бошуизен коосновачот на компанијата за дизајнирање и градење минијатурни сателити „Planet Labs“ и Одри Пауерс потпретседателката во компанијата „ Blue Origin“ за мисии и летечки операции.

Тоа беше вториот туристички вселенски лет на „Blue Origin“, една од трите компании коишто од неодамна почнаа да нудат комерцијални летови во Вселената и зачетници на ткн вселенски туризам.