Членови на „Рувиконас“ фрлија летоци и испишаа слогани пред домот на грчки новинар

Членови на грчката анархистичка група „Рувиконас“, синоќа фрлија летоци и испишаа слогани пред домот на новинарот од телевизијата „Скај“ и директор на радиото од истата групација, Арис Протосалте, а инцидентот го осудија владиниот портпарол и Нова демократија, јави дописничката на МИА од Атина.

„Протопсалте, цркни! Ари, нацист, ѓубре на Скај“, напишаа на ѕидот на влезот од зградата, според фотографиите што самиот новинар ги објави на „Твитер“.

Од Рувиконас преку текст објавен на анархистички сајт, детално и опширно ги објаснуваат причините за нападот, велат дека има радикално десничарски ставови, пренесуваат дел од неговите јавно изразени позиции за повеќе прашања, меѓу кои и за бегалскиот проблем.

Паралелно, објавија и видео од, како што велат, интервенцијата во домот на новинарот, но и фотографија од летоците што ги фрлиле, на кои пишува „Ѓубриња од SSkai смрдите на фашизам“.

-Фашистичкиот напад во домот на Арис Протосалте е напад врз сето она што сакаме да го заштитиме. Тоа е напад врз слободата на изразување. Напад врз демократијата. Ги осудуваме овие напади. Сите ние?, напиша портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас на неговиот „Твитер“ профил.

Нападот го осудија и од Нова демократија.