Нема да агитирам за референдумот, се дистанцирам од партијата, објави во саботата Горан Белевски, на социјалната мрежа фејсбук кој како поранешен советник во Општина Кавадарци и висок функционер на СДСМ се дистанцираше од партијата и истакна дека нема да агитира за гласање „За“ на претстојниот референдум.
„Каде тера СДСМ Кавадарци? Искрено да Ви кажам, може звучи малку смешно, но од СДСМ Кавадарци до пред 2 дена добивав повици само кога има некој смртен случај (да му оддаадиме почит на некој наш член), а овие денови добивам по 5-6 повици дневно да сум одел да ги убедувам луѓето да гласаат “за” референдумот. Види богати! Е сега јавно ќе Ви кажам, како што СДСМ се дистанцира од мене и јас сега се дистанцирам од СДСМ. Се откажувам од СДСМ (и од некои си ситни партиски и јавни функции) се’ додека не дојдат некои подобри времиња. И не може да имате успех на било какво гласање се’ додека партијата сте ја сведиле на 2-3 луѓе, не може да имате успех кога Горан (Горска) од Конопиште ви е партиски лидер, не може да имате успех кога најголемо решение во Скопје ви е Зоран Ѓорѓиев (првиот шумар) кој е тотално неспособен, не може да имате успех кога Галис ви е “координатор” на советничка група (од 10 советници советничката група ја сведе на 3-4), не може да имате успех кога поддршка за претседател на Советот му давате на Ристо Сакалиев кој во време на ВМРО ги спич’ка пола милион евра и за тоа е поднесена кривична пријава , не може да имате успех кога нас поранешните советници не елиминиравте, а ги донесовте тие што беа против нас, не може да имате успех кога една личност е и советник, член на УО и не знам што уште не, а членство ви преживува… Не може така “социјалдемократи”!“ вели Белевски.
Инаку, Белевски важи за еден од поистакнатите членови на СДСМ од Кавадарци, своевремено тој ја возобнови младинската организација на партијата, по што членуваше и во извршниот комитет, беше советник во Општина Кавадарци и неколкукратен делегат на конгресите на СДСМ.