Чоколади од Британија, масло од Хрватска и леб од Македонија

Банани и чоколади од Велика Британија, макарони и масло за јадење од Хрватска, а се’ друго од Македонија. Вака отприлика би изгледала „идеалната“ кошничка за пазарување основни намирници ако граѓаните сакаат да поминат најевтино, пишува „Дневник“.

Според последните податоци на „Евростат“, македонските граѓани јадат убедливо најевтина храна, чија цена е за 42 отсто пониска од просекот во Европа. „Дневник“ истражуваше колкава е разликата меѓу цените на релативно исти производи во Македонија, Хрватска и во Велика Британија.

 „Пазарувавме“ во он-лајн продавниците на еден поголем скопски маркет, хрватскиот хипермаркет „Kонзум“ и британски „Сенсбери“. Споредбените податоци покажуваат драстични разлики во цените, особено кога станува збор за овошје, зеленчук, леб, сирење. Дефинитивно, Британците плаќаат највисоки цени, но истовремено имаат и највисоки плати и стандард во споредба со граѓаните на другите две земји. Просечната плата во оваа земја изнесува околу 2.000 евра. Хрватите месечно во просек добиваат 722 евра, а просечната плата во Македонија изнесува 342 евра.

„Дневник“ избра 18 производи од кои најчесто се состои основната потрошувачка кошничка во сите земји. Пресметките покажуваат дека за купување истите производи, во Македонија се потребни вкупно 2.135 денари или 34 евра. Во Хрватска се потребни 2.797 денари или 46 евра, а во Велика Британија – 4.781 денари или 78 евра.

Македонците можат да се пофалат дека јадат најевтин леб. Векна леб во поголемите маркети во земјава чини 25 денари, истата во Хрватска е 51, а во Велика Британија – 54 денар. Иста е ситуацијата и со брашното. Kилограм бело брашно во земјава се продава за 32 денари, а Хрватите за истата количина плаќаат 107 денари. Британците, пак, го купуваат нешто поевтино и кај нив чини 98 денари.

Драстични разлики има кај сирењето.Пполовина килограм фета сирење во Македонија чини 105 денари. Во Хрватска се купува за 312 денари, а во Велика Британија чини двојно повеќе или 684 денари. Вакви разлики има и кај цените на овошјето и зеленчукот. На пример, килограм домати во македонски маркет се наоѓаат за 59 денари, во хрватски за 164, а во британски дури за 185 денари. Слично е и со компирот. Kилограм од него во Македонија чини 30 денари, кај Хрватите се купува за 102 денари, а Британците го плаќаат и четирипати поскапо од Македонците. Односно, тука килограм компир чини 111 денари.

И покрај ваквите разлики меѓу цените, изненадува фактот дека Британците јадат најевтини банани и дека можат да се облажат со најевтини чоколади . Во „Сенсбери“ килограм банани може да се најдат за 50 денари, што е за 9 денари поевтино отколку во Македонија. Хрватите јадат најскапи банани, за кои плаќаат 74 денари. Но, луѓето во Хрватска може да се пофалат дека купуваат најевтини макарони и масло за јадење. Литар масло во Хрватска чини 61 денар, што е за четири денари поевтино отколку кај нас и за дури 87 денари помалку отколку кај Островјаните.

Чоколадо од 100 грама, пак, во Британија може да се најде за 22 денара, Македонците сличниот бренд во иста грамажа го плаќаат 63, а Хрватите – 66 денари.

Омилениот пијалак на младите, популарната „кока-кола“, може најевтино да се набави кај нас. Два литра од овој пијалак чинат 69 денари, во Хрватска – 90, а во Британија – 146 денари.

Британките што имаат бебиња имаат и најголем трошок за пелени. „Памперс“ во џамбо пакување таму чини 2.217 денари, што е двојно повеќе отколку во земјава, каде што се купува за 1.089 денари. Хрватските цени на „памперсот“ се релативно блиски со македонските, односно вакво пакување таму чини 1.107 денари.

Македонија има најевтина храна, пијалаци и тутун во цела Европа, покажуваат податоците на „Евростат“. Според нив, тутунот во земјава е за 75 отсто поевтин од просечната цена во Европа, храната за 42 отсто, а пијалаците за 35 отсто.

Според анализите на „Евростат“, лебот и житарките во Македонија се за 46 отсто поевтини од европските, месото за 55 отсто, а млекото и млечните производи се за 33 отсто поевтини од европскиот просек. Приближно исти цени како во земјава се регистрани во Полска. Албанија е трета на листата земји со најевтин леб и житарки, месо, риба и млечни производи.