Човечки останки најдени на местото на падот на приватниот авион во Балтикот

На местото на падот на малиот приватен авион од типот „Cessna 551“ во неделата вечерта во Балтичкото Море, латвиските спасувачи пронашле, како што се претпоставува, човечки останки кои се предадени на форензичко испитување, пишува во вторникот порталот LSM повикувајќи се на шефот на Координативниот центар за поморска потрага и спасување Петерис Субота.

Во понеделникот германскиот весник Bild, повикувајќи се на своите извори, објави дека авионот кој во неделата околу пладне полетал од јужна Шпанија кон Келн, двапати го менувал курсот во текот на летот и екипажот не комуницирал со контролата на летот, поради што биле кренати за следење и воспоставување визуелен контакт борбени авиони на Шпанија, Франција, Германија и Данска, но нивните пилоти не успеале да забележат никој во кабината.

Како што објавија шпанските и германските медиуми, со авионот пилотирал Карл-Петер Гризман, сопственик на компанијата за авио-такси и воздушна медицинска помош „Quick Air“. Семејството Гризман, според истите извори, поседувало куќа во местото Захара де лос Антунес и вообичаено летало на релацијата од Херез на југот од Шпанија, од каде што и полетале во неделата рано попладнето, до германскиот град Келн, каде што е седиштето на компанијата „Quick Air“, а на овој лет биле уште сопругата и двете деца.

„По завршувањето на активната фаза од потрагата, во Вентспилс (во чија близина се урнал авионот) пронајдени се предмети кои може да се останки по падот на тој авион, вклучително и, можеби, останки од човечко тело, кои соодветно се предадени на криминалистичката полиција“, рекол Субота.

Додал дека натамошната експертиза ќе ја изведат стручњаци на латвиската криминалистичка полиција, по што се очекува да бидат добиени повеќе сознанија, пренесува LSM.

Ги потврдил претходните медиумски информации дека авионот од типот „Cessna 551“ не е опремен со ткн „црни кутии“, односно со уредите кои ги бележат податоците за летот и разговорите во пилотската кабина на леталото, што би помогнало да се утврдат причините за несреќата. Субота истакнал дека латвиските стручњаци се ангажирани на потрага и обезбедување докази, но дека во тие активности не се вклучени експерти од други земји.

„Денеска ќе ја започнеме подводната потрага, барајќи ги најголемите делови од авионот, кој веројатно потонал на самото место на несреќата. Вклучивме специјализирана опрема на поморските сили… потрагата може да продолжи до крајот на седмицата или уште две до три седмици“, нагласил Субота.