Откако лидерот на СДСМ Зоран Заев го повика техничкиот министер Наќе Чулев, по примерот на распитот на Ден Дончев, МВР да ги повика на разговор и Христијан Мицкоски и Орце Камчев по наводите во новите аудиоснимки, со реакција излезе министерот Чулев.
Тој посочува дека полициските службеници имаат право да ги повикаат на разговор сите лица за кои постојат индиции дека сториле кривично дело и дека тоа, како што вели, не е негов избор, ниту одлука и посочува дека тие индиции се поткрепени со материјални докази, аудио или видео снимки.
Чулев ги повика неговите колеги да ги викнат на разговор сите лица кои се споменуваат во снимките, вклучувајќи го и Заев.
„Во денешната изјава лидерот на СДСМ јавно ме повика да ги поканиме на разговор и други лица кои се споменуваат во бомбите и уште веднаш ги охрабрувам моите колеги во најкраток можен рок да го направат тоа, но не само оние кои ги спомена тој, туку сите политичари кои изминатиот период беа поврзани, споменувани или во иднина ќе бидат поврзани со некоја од бомбите кои се објавуваат во јавноста, вклучувајќи го и самиот Зоран Заев. Правда за граѓаните мора да има и секој треба да одговара за криминалот кој го направил, особено доколку со тоа го оштетил буџетот на државата. Можеби во техничката влада правдата е поспора, но ги убедувам граѓаните дека после 15 јули конечно институциите ќе почнат да функционираат во целост и Министерството за внатрешни работи ќе отпочне засилена борба против криминалот и корупцијата“, порача Чулев.