Директорот на ЦИА Џон Бренан изјави дека американските разузнавачки служби имале информации дека т.н. Исламска држава планира терористички напад неколку дена пред масакрот во Париз во кој животот го загубија 130 лица, пренесува „Танјуг“.
Агенцијата и нејзините партнери биле свесни дека ИД организира тајни активности пред нашадот, но обидите истите да бидат осуетени биле прекинати поради „софистицираното“ користење на енкриптирана комуникација на интернет.
Знаевме дека системот свети црвено, знаевме дека ИД се обидува да изведе нешто. Но, лицата што беа вмешани во тоа ги искористија најновите достапни начини за комуникација што се скриени од нас, рече Бренан.
Мораме да работиме подобро. Мора да имаме можност, техничка способност, човечки извори. Верувајте ми, разузнавачките агенции неброено многу пати сопреа голем број напади и терористите што се префрлени од Ирак и Сирија па и во Европа. Ги сопревме, блокиравме и ги уапсивме и притворивме благодарение на мошне добрата разузнавачка работа, рече тој и додаде дека верува дека ИД се обидува да организира напад и да пронајде мета во САД.
Очекувам дека ќе се обидат да постават луѓе, средтсва или што и да им е потребно за да изведат или да ги поттикнат луѓето да ги изведат тие напади. Затоа верувам дека нивните обиди се неизбежни. Не мислам дека нивниот успех е нужно неизбежен, вели шефот на ЦИА.
Тој исто така откри дека редовно се слуша со директорот на руската Сојузна сигурносна служба Александар Бортников и дека ЦИА контактира со ФСБ. Главната тема на овие нивни разговори е известувањето на рускиот претседател Владимир Путин за потенцијални конфликти на американското и руското воздухопловство во Сирија.