Невладината организација „Цивил“ најави дека ќе покрене иницијатива за враќање на бонусите кои ги зеле поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и останатите обвинители и сите вработени во Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
– Скандалозно е да имате такви бонуси, па не знам каква работа да вршите во општеството. Скандалозно е да имате бонуси кои произлегуваат од Буџетот на една земја во која има луѓе кои гладуваат, изјави претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала.
Според него, ваков скандал и доделување енормни суми како дополнителни додатоци не се случил во изминатите две децении.
Тој информираше дека досега институциите не реагирале на нивната иницијатива за укинување на привилегиите на функционерите, иако како што рече добиле поддршка од неколку пратеници од СДСМ и од претседателот на државата Стево Пендаровски.
– Некои владини мерки одат во таа насока, но сметаме дека тие се далеку од доволни. Значи, укинување не подразбира намалување, укинување на подразбира заменување, укинување подразбира нула. Нула привилегии за функционерите, потенцира Дерала.
Тој на денешната прес-конференција ја најави и програмата на активности и настани поврзани со човековите права и слободи, што ќе се организираат по повод 20-годишнината од основањето на „Цивил“. Меѓу настаните што ќе ги организира „Цивил“ во следниот период се и Конференцијата посветена на граѓанското општество „Меѓу стремежите и реалноста“, панел дискусија „Рампа“ по повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби и мултимедијалниот ангажиран „Фестивал на слободата“ по повод Меѓународниот ден на човековите права.